Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во рамки на својата работна посета на Обединетото Кралство, оствари средба со претставници на Националната агенција за извозно финансирање (UKEF).
На состанокот се разговараше за поддршката што Обединетото Кралство ја обезбедува за земјите од Западен Балкан, особено во областите на транспортот, обновливите извори на енергија и здравството.
Николоски ги истакна стратешките приоритети на Македонија во делот на модернизацијата на инфраструктурата, регионалното поврзување и зелената транзиција. Посебен акцент стави на изградбата на брзата пруга на Коридор 10, проект што, како што рече, има национално и регионално значење и се реализира со силна поддршка од Обединетото Кралство преку финансиски механизми и пренос на експертско знаење.
– Македонија е пример како соработката со UKEF може да придонесе за регионален економски раст и стабилност. Велика Британија останува наш стратешки партнер во развојот на инфраструктурата и економијата – изјави Николоски.
На средбата беа разменети информации за натамошно унапредување на соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство, како и за проектите што ги поддржува британската влада преку својата извозна агенција.
Покрај Николоски, на состанокот учествуваа и ресорни министри од Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Албанија.