Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Украина и Шведска отвораат „нова и значајна страница“ во меѓусебните односи, потпишувајќи прв документ што го трасира патот за набавка на голем број шведски борбени авиони „Грипен“.

„Денеска го потпишавме првиот документ меѓу нашите земји кој ѝ овозможува на Украина да набави значителна флота на шведски авиони ‘Грипен’. Тоа се моќни летала, способни да извршуваат широк спектар мисии и да се справуваат со бројни закани“, изјави Зеленски.
Според украинскиот претседател, идниот договор предвидува Украина да добие најмалку 100 авиони „Грипен“.
Зеленски изрази благодарност до шведскиот премиер Улф Кристерсон и до компанијата Saab, производител на „Грипен“, за нивната подготвеност да соработуваат со Украина во јакнењето на воздушната одбрана.
„Ова е вистински значаен чекор не само за нашите билатерални односи, туку и за безбедноста на цела Европа“, нагласи Зеленски.