Владата на Република Северна Македонија и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес го распишаа јавниот оглас за финансиска поддршка за трошоци за електрична енергија наменет за најранливите категории граѓани.
Со вкупно 42,3 милиони денари ќе бидат поддржани домаќинства во кои живеат лица со тешка попреченост, целосно слепи или глуви лица, како и корисници на посебен надоместок согласно со Законот за социјална заштита.
Поддршката ќе се реализира преку директно намалување од 1.000 денари месечно на сметките за електрична енергија во период од 12 месеци. Според надлежните, целта е да се олесни животот на оние кои се соочуваат со најголеми предизвици.
„Како директор на МЕПСО, но и како човек, горд сум што чекор по чекор ја претвораме енергијата во социјална правда и грижа. Енергијата не е само бројки и мегавати, енергијата е човечност, сигурност и солидарност“, изјави директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Аплицирањето за поддршката е отворено во наредните 30 дена, а институциите повикуваат јавноста да ја сподели информацијата со сите на кои оваа помош им е потребна.