Долгот на граѓаните кон банките во мај достигнал 4,22 милијарди евра, додека вкупната задолженост на компаниите изнесува 4,06 милијарди евра. Вкупниот износ на кредити што банките го имаат одобрено на физички и правни лица достигнува 8,36 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Истовремено, банките располагаат со вкупни депозити во износ од 9,9 милијарди евра, од кои 6,7 милијарди се депозити на граѓаните, а 2,78 милијарди евра на деловните субјекти.
На месечно ниво, кредитната активност е зголемена за 1,1 отсто, а депозитите пораснале за 1,4 отсто. На годишно ниво, растот на кредитите достигнува 12,1%, а кај депозитите е забележан пораст од 12,2%.
Граѓаните и понатаму се задолжуваат најмногу преку потрошувачки и станбени кредити, при што е забележан месечен раст од 1,2%. Годишно, потрошувачките кредити пораснале за 9,6%, а станбените за 14,4%.
Спротивно на тоа, автомобилските кредити бележат пад – за 1,6% на месечно и 0,7% на годишно ниво. Се намалува и задолжувањето по основ на кредитни картички, каде што е евидентиран пад од 0,2% месечно и 8% на годишно ниво.
Негативните салда на тековните сметки, пак, бележат месечен пораст од 4,8%, а на годишно ниво се зголемени за 2,3%.
Кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,5% на месечно и за 9% на годишно ниво.