Европската Унија најави создавање на заеднички резерви на ретки метали како бакар, литиум, кобалт и никел, клучни за зелената транзиција, одбраната и индустријата. Еврокомесарот за индустриска стратегија, Стефан Сежурн, повика на мерки за заштита од зависност од Кина и објави нови тендери за алтернативни извори на суровини.
Во јули ќе биде лансирана и „Платформата на ЕУ за енергија и критични минерали“, со цел поедноставување на снабдувањето со стратешки суровини. Истовремено, Комисијата одобри 47 стратешки рударски проекти внатре во ЕУ, со забрзани дозволи и финансиска поддршка.
Иако Македонија има значителни резерви на бакар, особено кај „Иловица – Штука“ и „Казандол“, проектите за експлоатација со години стојат во место. Според експертите, земјава има голем потенцијал, но рударството учествува сè помалку во индустриското производство.
На енергетскиот форум МЕФ 2025 во Скопје, вицепремиерот Изет Меџити и министерот за европски прашања Орхан Муртезани порачаа дека Македонија мора да инвестира во зелена транзиција и енергетска независност. Во тек е изработка на нов Закон за рударство и Стратегија за минерални суровини, која ја координира МАНУ.
И додека Брисел брза со изградба на стратешки резерви, Македонија останува без конкретна акција за искористување на своите минерални ресурси.