Иако Лидл сè уште не ги отвори своите продавници во Северна Македонија, компанијата веќе остварува значително влијание врз локалната економија. На денешната конференција посветена на развојот, извозот и сертификацијата на македонското овошје и зеленчук, одржана во Скопје, беше истакнато дека само во 2024 година преку европската мрежа на Лидл се извезени над 5.500 палети сертифицирано македонско производство.
„Потрошувачите денес имаат поголеми барања, а ние во Лидл секогаш се трудиме да ги исполниме нивните критериуми за побезбедна, поздрава и поквалитетна храна. Преку соработката со Лидл, македонските компании добиваат можности за сертификација на своите производи со Global GAP и GRASP сертификати, што им овозможува подобар пласман на европските пазари“, изјави Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на Лидл.
Настанот беше организиран во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, ГИЗ, швајцарската програма ИМЕ и „Макфреш“, со цел подигнување на стандардите во земјоделството и поттикнување на извозната конкурентност на локалните производители.
Во фокусот беа стандардите Global GAP и GRASP, кои беа детално претставени од експертите Васил Трпевски и Зорица Смилевска. Меѓу присутните беа и проф. д-р Сузана Јордановска, директорка на Државната фитосанитарна лабораторија, како и претставници на над 100 компании од земјоделскиот сектор.
Поддршката од меѓународната заедница беше истакната и од страна на заменик-амбасадорот на Германија, Јан-Аксел Фос, кој нагласи дека отворањето на Лидл ќе биде најголемата германска инвестиција во македонскиот земјоделско-прехранбен сектор.
Од Амбасадата на Швајцарија, Михал Харари ја поздрави соработката со Лидл преку проектот „Подготвени за снабдување“ (Fit for Supply), во рамки на кој ИМЕ финансира до 50% од трошоците за сертификација, ГИЗ обезбедува експертиза, а Лидл отвора пазарни врати за локалните производи.
Со овие чекори, Лидл докажува дека македонските земјоделски производи се конкурентни на европскиот пазар и имаат потенцијал за значаен раст и извоз.