Најважно како Влада ни е да го подобриме животниот стандард на граѓаните истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во денешното интервју во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.
Министерката истакна дека според податоците на Државниот завод за статистика просечната плата во последната година е порасната за 10%, во јавниот и приватниот сектор, а минималната плата за 5%. Наспроти овој пораст на платите инфлацијата кај храната е порасната само 3,4%. Ова значи дека имаме подобрување и реален раст на платите што е во согласност на целите на Владата.
„Ние иако имавме раст на платите и на минималната плата, ние во суштина имавме многу повисока инфлација особено она што се нарекува храна и безалкохолни пијалаци. Во суштина тоа е она на што најголем дел од нашите плати и пензии се трошат. Во периодот 2023 година наспроти 2020 година нето просечната плата има пораст од 34%, а минималната плата за 35% раст, но затоа храната и безалкохолните пијалаци имаат раст од речиси 40%. Ова значи инфлацијата ги изела платите и вие немате подобро живеење.“ истакна министерката за финансии.
Министерката потенцира дека при преземањето на власта државата била во минус, а веќе состојбата е стабилизирана при што додаде дека очекувала да биде потребно подолг временски период за стабилизација со оглед на состојбите во која се наоѓала државата. Дополнително додаде дека потребен е извесен период за да се стабилизираат и јавните претпријатија и акционерските друштва, но дека во следниот период и таму ќе се средат состојбите.