Наслов: Министерството за енергетика ги објави добитниците на финансиска поддршка за ранливи потрошувачи во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја заврши проверката на сите пристигнати барања по Јавниот оглас за доделување финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.
Постапката за верификација беше спроведена во соработка со Управата за јавни приходи и Министерството за социјална политика, демографија и млади, што овозможи прецизна и ефикасна проверка на податоците.
На веб-страницата на Министерството е објавен списокот на сите одобрени корисници, меѓу кои се 313 домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост кои ќе добиваат месечна поддршка од 1.000 денари, почнувајќи од март 2025 година. Исто така, 94 згрижувачки семејства стекнаа право на финансиска помош.
Поддршката ќе се исплаќа преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија, во период од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето. За оваа намена Министерството ќе издвоји приближно 5 милиони денари од Буџетот за 2025 година.
Министерството веќе достави предлог до Владата за нова програма која предвидува проширување на опфатот на ранливите категории, со што се очекува уште поголем број семејства да добијат поддршка. Новиот јавен оглас се очекува наскоро.