Скопје денеска се најде на третото место на листата на најтопли градови во Европа, со измерени 41,7 степени Целзиусови во скопското село Петровец, во периодот од 14 до 15 часот. Податоците ги објави метеоролошкиот портал „Огимет“, кој ги собира и објавува температурните екстреми од целиот свет.
На врвот на европската листа се најде турскиот град Ајдин со 42,6°C, додека второто место му припадна на Фетие, исто така во Турција, со идентична температура како Скопје – 41,7°C. Екстремната жештина не ја заобиколи ниту останатата територија на Турција – вкупно осум турски града регистрираа температури над 41 степен.
Меѓу најтоплите градови во Европа денеска се најдоа и Мерида во Шпанија и Сер во Грција, каде температурите достигнаа 41,2°C.
На глобално ниво, највисоката температура денеска е измерена во Кувајт – дури 47,2°C. Од друга страна, најстуденото место во светот беше руската антарктичка база Восток со -75,5°C.
Жителите на Скопје веќе неколку денови се соочуваат со екстремен топлотен бран, а метеоролозите најавуваат дека ваквите температури ќе продолжат и во наредните денови, со потенцијално надминување на 42°C. Стручњаците апелираат граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце, особено во најжешките часови од денот.