Со незаборавен музички спектакл каков што Скопје досега не видело, Кисела Вода синоќа го одбележа својот јубилеен 70. роденден и го означи почетокот на Културното лето 2025, под слоганот „Сѐ на свое место“. Настанот привлече над 35.000 посетители од цела Македонија и регионот – Србија, Бугарија и Грција, кои беа дел од еуфоричната атмосфера предизвикана од настапот на светски познатиот DJ и продуцент Роџер Санчез.

Музичката вечер ја отвори ДЏ Матс со енергичен сет, по што следеа ДЏ Ампов и ДЏ Деан Мицкоски кои ја загреаја публиката до врвот, подготвувајќи ја сцената за главната ѕвезда. Роџер Санчез приреди двочасовен сет кој го крена Скопје на нозе и создаде емоции што ќе се паметат долго.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето обраќање до присутните истакна дека обединетоста и позитивната енергија се доказ дека општината чекори по вистинскиот пат.

„Сега, сè е на свое место! Обединетоста што ја видовме е најголемата потврда дека сме на вистинскиот пат. И не заборавајте – најдоброто допрва доаѓа!“, рече Ѓорѓиевски.
Во текот на вечерта, заедно со актерот Сашко Коцев, симболично беше поставено и последното парче од сложувалката во форма на голема карта на Скопје, како порака за целосноста, визијата и иднината на општината.
Организаторите најавија уште многу настани и изненадувања во рамки на Културното лето, а следниот настан е веќе закажан за утревечер.