Независниот кандидат за општина Струга на локалните избори, поддржан од владината коалиција ВЛЕН, Менди Ќура, го поздрави почетокот на првата фаза од замената на водоводната мрежа во градот, проект кој има за цел отстранување на старите азбестни цевки.
„Секако дека јас, како претседател на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, се чувствувам горд бидејќи потекнувам од Струга, и проекти како овој, кои граѓаните одамна ги бараат, замената на азбестните цевки, за кои повеќепати сме зборувале и за кои сите медиуми имаат известувано дека се канцерогени конечно добиваат заслужено внимание“, изјави Ќура.
Тој ја оцени оваа интервенција како „капитален проект“ и прв чекор кон темелно подобрување на водоводната инфраструктура во градот.
„За овој проект ќе бидат потребни уште инвестиции за, барем во наредните 2-3 години, да ја постигнеме целта да се заменат сите овие цевки и граѓаните да добиваат чиста вода преку нови водоводни линии“, нагласи Ќура.
Тој ѝ упати апел на Владата да продолжи со слични проекти, потенцирајќи дека Струга има итна потреба од инвестиции во многу области.
„Посакувам вакви проекти да бидат што побројни, бидејќи имаме и други проекти, за кои верувам дека во иднина ќе слушнете и ќе видите колку се неопходни за граѓаните на Струга“, заклучи Ќура.