Велика Британија започна да одбива се поголем број барања за азил од украински државјани, наведувајќи дека подносителите на барањата можат да се преселат во „побезбедни делови“ од нивната земја, објави „Гардијан“.
Според лондонска адвокатска фирма, британското Министерство за внатрешни работи сè почесто испраќа одбивни одговори со образложение дека подносителите не ги исполнуваат критериумите за прогон според Женевската конвенција. Во писмата стои дека не постои општа закана по животот, бидејќи „регионите како Киев и западна Украина се сметаат за генерално безбедни“.
Во нив дополнително се наведува дека подносителите на барањата можат да пристапат до јавни услуги во Украина и се охрабруваат да побараат помош од УНХЦР и локални организации.
Адвокатите предупредуваат дека оваа промена е резултат на ажурираните насоки на Министерството од јануари 2025 година, кои ја класифицираат ситуацијата во одредени украински региони како стабилна. Ова ги доведува во прашање правата на бегалците кои очекуваат заштита од земја како Велика Британија, која претходно беше меѓу најгласните поддржувачи на Украина.
Иако статусот на бегалец во Обединетото Кралство носи петгодишен престој со право на работа, здравствена заштита и социјални бенефиции, сè повеќе Украинци добиваат привремени визи преку програмите „Домови за Украина“ и „Семејна шема“, со ограничен престој до 18 месеци.
Според податоците, до март 2025 година Велика Британија издала над 270.000 вакви визи, додека во Европската Унија преку системот за привремена заштита прибежиште добиле околу 4,3 милиони украински граѓани.
Портпарол на Министерството за внатрешни работи изјави дека Велика Британија понудила или продолжила заштита за над 300.000 Украинци од почетокот на војната во 2022 година. Сепак, критиките растат дека новиот пристап ги игнорира реалните безбедносни закани и тешкотиите со кои се соочуваат бегалците при враќање во т.н. „безбедни зони“.