На Самитот за дигитализација на Западен Балкан, што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје, официјално ќе биде претставена македонската апликација за дигитална лична карта и возачка дозвола. Од тој ден, граѓаните ќе можат да ја симнат тест-верзијата на овие документи и да ги користат за идни е-услуги.
– Електронската лична карта и возачка дозвола, заедно со сите придружни услуги, ќе функционираат како електронски паричник – алтернатива на физичките документи. Грција е добар пример, но ние сме пред многу други балкански земји – изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Тој потврди дека денешното усвојување на пакетот закони за дигитализација во Собранието значи воспоставување на правна рамка по европски стандарди, усогласена со практиките на ЕУ.
Според Андоновски, националниот портал uslugi.gov.mk веќе брои над 6.300 активни корисници. Меѓу институциите кои активно ги користат услугите е и судството, каде веќе се прифаќа електронската потврда за неосудуваност.
– Час поскоро ќе го исклучиме стариот систем за изводи од матичните книги. Ќе остане само постапката преку uslugi.gov.mk. Ќе воведеме и „Електронско сандаче“ – граѓаните ќе добиваат известувања директно таму – рече министерот.
Андоновски најави и дигитален попис во 2026 година, нагласувајќи дека Владата веќе има формирано работна група за технички подготовки. Целта е, како што рече, да се врати довербата на граѓаните, особено по критиките од Уставниот суд кон пописот во 2021 година.
Собранието денеска изгласа четири клучни закони за дигиталната трансформација: за електронски комуникации, за сајбер-безбедност, за електронски документи и услуги, и за архивска дејност, со што се отвора ново поглавје во модернизацијата на јавната администрација.