Американскиот долар минатата недела ја достигна најниската вредност во однос на кошничката валути во последните три години, но веста за нападот на Израел врз Иран во петокот донесе делумен опоравок на неговата позиција.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шест главни светски валути, се намали за 1,1 отсто, достигнувајќи 98,14 поени. Најниската точка од неделата беше забележана во четврток, кога индексот падна на 97,80 поени – најслабо ниво од март 2022 година.
Еврото зајакна за 1,4 отсто и се тргуваше по 1,1550 долари, додека доларот во однос на јапонскиот јен ослабе за 0,5 отсто, достигнувајќи 144,10 јени.
Главната причина за падот на доларот е зголемената неизвесност меѓу инвеститорите околу тарифната политика на претседателот Доналд Трамп, која останува променлива и нејасна. И покрај навестениот договор со Кина, кој Трамп го нарече „завршен“ по дводневниот состанок во Лондон, пазарите не покажаа доверба поради недостигот на детали и нејаснотиите околу спроведувањето.
„Нашите царини ќе бидат 55 проценти, а кинеските 10 проценти“, изјави Трамп, додавајќи дека Кина ќе ги укине ограничувањата за трговија со ретки метали.
Во петокот, доларот доби поддршка како сигурно прибежиште за капиталот поради новиот бран геополитички тензии. Израелскиот воздушен напад врз Иран дополнително ги вознемири финансиските пазари, при што инвеститорите побараа засолниште во доларот и златото.
„Во моменти на зголемена нестабилност, каков што е потенцијалниот конфликт меѓу Израел и Иран, психолошкиот импулс секогаш оди кон доларот и златото“, изјави Хуан Перез, директор во Monex USA.
Иако доларот привремено закрепна, аналитичарите предупредуваат дека неговата позиција останува ранлива поради нерешените трговски спорови и глобалната економска неизвесност.