Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан испрати силна порака до Израел, предупредувајќи дека доколку продолжат нападите врз иранска територија, Техеран ќе одговори со „уште поостри и посериозни удари“. Изјавата беше дадена во телефонски разговор со ирачкиот премиер, јавуваат иранските државни медиуми.
Пезешкијан потенцираше дека Иран не го започнал конфликтот, туку реагирал „одлучно и во рамки на своето легитимно право на самоодбрана“ по воздушните напади што ги изврши Израел врз ирански воени цели.
„Ако агресијата продолжи, одговорот ќе биде уште посилен. Тоа нема да биде само одбрана – тоа ќе биде јасна порака до секој што го загрозува нашиот суверенитет,“ порача Пезешкијан.
Тој предупреди дека продолжувањето на израелските операции може да доведе до влошување на состојбата во целиот регион и отвори можност за инволвирање и на други земји. Претседателот повика на солидарност меѓу исламските држави и заеднички отпор против, како што го нарече, „израелскиот дестабилизирачки фактор во регионот“.
Оваа закана од Техеран доаѓа во момент кога тензиите на Блискиот Исток се на највисоко ниво во последната деценија, а меѓународната заедница апелира за итна деескалација.