Британецот Џорџ Расел триумфираше на трката за Големата награда на Канада, која се возеше на патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал, во рамки на десеттата трка од сезоната во Формула 1.
Расел, возејќи за Мерцедес, стигна до својата четврта победа во кариерата и прва оваа сезона, оставајќи го зад себе актуелниот шампион Макс Верстапен (Ред Бул), кој заврши втор. На третото место сензационално се пласираше 18-годишниот Италијанец Кими Антонели, кој со тоа го оствари својот прв подиум во Формула 1 и стана трет најмлад возач во историјата кој се искачил на подиум.
„Неверојатно е да се вратиме на горното скалило. Победата и гледањето на Кими на подиумот е неверојатен ден за тимот“, изјави Расел.
Трката беше обележана со контакт помеѓу двајцата возачи на Мекларен во 67-от круг, по што Ландо Норис заврши во ѕидот, додека неговиот тимски колега Оскар Пјастри го заврши настапот на четвртата позиција.
„Жал ми е, сè е моја вина… глупав сум“, призна Норис преку тимското радио.
По десет трки, лидер во генералниот пласман е Пјастри со 198 бода, следен од Норис со 176 и Верстапен со 155. Кај конструкторите, Мекларен е прв со 374 бода, пред Мерцедес (199) и Ферари (183).
Следната трка ќе се одржи за две недели во Австрија.