На светските берзи, цените на нафтата во петокот забележаа остар раст, откако ескалираа тензиите помеѓу Израел и Иран со серија меѓусебни напади.
Израелските воздушни удари врз ирански воени и нуклеарни постројки, проследени со ирански ракетен напад врз Тел Авив, предизвикаа вознемиреност кај инвеститорите и зголемени стравувања од понатамошна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Цената на американската лесна сурова нафта WTI скокна за 7,26 отсто, достигнувајќи речиси 73 долари за барел, додека европската нафта Брент порасна за 7 отсто, на приближно 74,23 долари за барел. Во текот на денот, цените во еден момент се зголемија дури за 14 отсто за WTI и 13 отсто за Брент – што претставува најголем дневен раст од март 2022 година, кога започна руската инвазија врз Украина.
Истовремено, ова е и најголем неделен пораст на цените на нафтата од октомври 2022 година.
Финансиските аналитичари предупредуваат дека пазарот е исклучително чувствителен на секоја нова информација од регионот. „Сѐ поголема е загриженоста околу можноста за ширење на конфликтот“, изјави Џим Рид, стратег во Deutsche Bank.
Доколку кризата продолжи, последиците би можеле да се почувствуваат и на глобалната економија. Стручњаците предупредуваат дека зголемувањето на цените на енергенсите може повторно да ја поттикне инфлацијата, особено во земјите кои се силно зависни од увоз на енергија.
Инвеститорите, централните банки и политичките лидери внимателно го следат развојот на ситуацијата, свесни дека секој нов ракетен напад може да значи дополнителен удар врз светската економија.