Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против две лица осомничени за кривично дело разбојништво, откако брутално нападнале маж и му одзеле значителна сума пари.
Според обвинителството, инцидентот се случил пред четири дена, кога осомничените го забележале оштетениот додека разменувал девизи и почнале да го следат со намера да го ограбат. Кога жртвата пристигнала пред неговата семејна куќа, двајцата напаѓачи физички го нападнале – еден од нив му задал удар со тупаница во главата, по што оштетениот паднал и ја загубил свеста.
Во тој момент, напаѓачите му одзеле 172.000 денари и 37.460 српски динари, по што избегале.
Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор од 30 дена, по барање на обвинителството, со цел обезбедување на истрагата и спречување на евентуално бегство.
Обвинителството продолжува со прибирање докази за целосно расветлување на настанот.