На денешен ден, пред точно 39 години, на 15 јуни 1986 година, Македонија остана без вториот поглавар на Македонската православна црква, архиепископот г.г. Ангелариј. Во трагична и сè уште неразјаснета сообраќајна несреќа кај селото Фариш, на патот Прилеп – Велес, животот го загубија и службениот возач, а единствена преживеана од несреќата беше неговата внука, тогаш студентка, Татијана Попоска.
– Одеднаш пред нас се појави камион и го згмечи „мерцедесот“. Дедо ми ми умре в раце, сведочи денес 53-годишната Татијана Попоска, која и по речиси четири децении не престанува да верува дека трагедијата била внимателно испланирана и спроведена.
Во несреќата учествувале два камиона, од кои барем едниот бил со српски регистарски таблички, а возачите, и покрај тоа што биле осудени на затворски казни од една и четири години, отслужиле само минимален дел. Овој факт, според Попоска, дополнително ги потхранува сомнежите дека станувало збор за наместена сообраќајка – ликвидација организирана од тогашната служба за државна безбедност во координација со структури блиски до Српската православна црква.
Г.г. Ангелариј, со световно име Цветко Крстески, бил роден во прилепското село Долнени во 1911 година. Бил активен учесник во НОБ, парохиски свештеник во Прилеп, Австралија и други места, а по смртта на сопругата во 1972 година се замонашил. Во 1981 година бил избран за Архиепископ охридски и македонски, носејќи ја титулата поглавар на МПЦ.
Неговата смрт до денес останува обвиена во мистерија, делумно и поради неговите храбри јавни ставови за независноста на Македонија и автокефалноста на МПЦ, кои во тоа време биле остро спротивставени на југословенската политика и доминантниот став на СПЦ. Говорот што го одржал на гробот на Гоце Делчев, во кој зборувал за обединување на Македонија, се смета за моментот кога бил „обележан“.
– Не беше тоа само несреќа. Имаше закани, притисоци, а потоа – тишина. И денес верувам дека некој не сакаше дедо ми да живее, вели Татијана Попоска, која по несреќата живее со трајна траума и никогаш повеќе не седнала на предното седиште во автомобил.
Архиепископот Ангелариј е погребан во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје. Зад себе остави син, внуци и едно големо духовно и национално наследство. Постхумно беше одликуван со Деветтосептемвриската награда на независна Македонија.
И покрај поминатите децении, ниту Црквата, ниту државата досега не ја отворија темата за неговата смрт. Но, прашањето останува да виси над јавноста како отворена рана: што точно се случи на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура?