Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција ја најави новата стратегија за стабилен и политички независен здравствен систем, заснована врз пет клучни столбови. Алиу, кој е доктор по информатички технологии, истакна дека неговата улога е да создаде функционален систем кој ќе им овозможи на лекарите да ја вршат својата работа квалитетно и професионално.
Првиот столб предвидува изработка на национална мапа на здравствени потреби, која по првпат ќе прикаже кои региони и општини имаат недостаток од лекари, опрема и функционални центри. Вториот столб се однесува на транспарентноста – преку нова платформа граѓаните ќе имаат увид во перформансите на здравствените установи.
Третиот столб се фокусира на човечките ресурси и професионалниот развој, со јасно раздвојување на здравствените и менаџерските улоги. Четвртиот – финансирање и превенција – најавува нов модел на финансирање болници според број на пациенти и ефикасност, како и програма за бесплатни превентивни прегледи за лица над 40 години. Петтиот столб се однесува на дигитализација и интеграција со европскиот здравствен систем.
Алиу ја оцени состојбата на Клиниката за Онкологија како „катастрофална“ и најави итни промени, а го најави и својот фокус кон Кочани, каде што ќе се сретне со директорката на болницата и ќе работи со кризниот штаб на Министерството за помош на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Министерот додаде дека во здравствениот систем недостига кадар и најави процес за продолжување на договорите на оние што реално работат, а потоа и нови вработувања. Исто така, најави формирање на работни групи за менаџирање со сите потенцијални кризни ситуации – од природни непогоди до човечки фактор.