УТРО.мк

Алиу: Дисперзија на онколошки услуги и дигитализација – приоритети во здравството

Алиу: Дисперзија на онколошки услуги и дигитализација – приоритети во здравството
Vero

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција најави серија реформски мерки со цел подобрување на условите за онколошките пациенти и модернизација на здравствениот систем. Најголемиот акцент го стави на дисперзијата на базичните онколошки услуги и дигитализацијата како алатка за спречување злоупотреби.

„Ќе ги дисперзираме услугите што се базични и законски дозволени, за да им бидат достапни на граѓаните што е можно поблиску до местото на живеење. Но, мораме да бидеме сигурни дека лековите се чуваат во соодветни услови – затоа се воведува и систем за следење“, рече Алиу.

Тој остро ја критикуваше моменталната состојба на Клиниката за онкологија, велејќи дека инфраструктурата е недостојна. „Се срамам од условите на Онкологија. Во чекалната нема ни столчиња. Тоа мора да се промени веднаш“, изјави министерот.

Во однос на недостигот од хормонска терапија, Алиу објасни дека е најдено решение за избегнување идни прекини – секоја клиника шест месеци пред истекот на постоечкиот договор ќе мора да го започне новиот тендерски процес.

Министерот се осврна и на проблемот со договорците на дело, посочувајќи дека постои хроничен недостиг на медицински кадар. „Оние што со години работат, треба да имаат решен статус. За останатите ќе се отвораат нови процедури“, рече Алиу.

Во врска со случајот со гинекологот кој направил ПАП тест на туѓо име, министерот повторно ја нагласи важноста на дигитализацијата: „Со дигитален систем, пациентот веднаш ќе добие СМС известување и ќе може да препознае злоупотреба во реално време.“

Алиу најави и мапирање на здравствената инфраструктура како прв чекор кон изградбата на нов Клинички центар и реконструкција на постоечките здравствени капацитети. „Имаме на располагање милијарда евра со поддршка од Велика Британија. Ќе направиме портал со транспарентна мапа на состојбата“, истакна тој.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран