Иран попладнево изврши нов бран ракетни напади врз цели на територијата на Израел, што претставува прв дневен напад од почетокот на ескалацијата меѓу двете земји, јави иранската новинска агенција Фарс.
Тревоги се огласија во Тел Авив и неколку други градови во централниот дел на Израел, додека сирени беа активирани и во северните региони на земјата, што укажува на поширок географски опфат на нападот.
Во реакција на ситуацијата, израелското Министерство за национална безбедност издаде итно предупредување до населението со повик граѓаните да останат во близина на засолништа и бункери. „Секое движење на јавни места треба да се сведе на минимум. Се апелира да се избегнуваат јавни собири. Наредбите остануваат на сила сè додека не се издаде ново известување,“ соопштија властите.
Овој потег на Техеран доаѓа во момент на зголемена воена тензија и претставува значителна промена во тактиката, бидејќи досегашните напади беа ограничени на ноќни часови. Израелските одбранбени сили засега не објавија детали за евентуални жртви или штета, а одговор на нападот се очекува во текот на следните часови.