Руските вооружени сили ноќеска извршија масовен напад врз Украина со вкупно 194 ракети и беспилотни летала, во кој беше целена и нафтената рафинерија во градот Кременчук, објави украинското воено воздухопловство.
Според украинските власти, од вкупниот број, 167 проектили биле пресретнати и неутрализирани, но за 48 не е познато каде завршиле. Меѓу соборените биле 111 дронови, две хиперсонични ракети „Кинжал“, три „Искандер-К“ ракети и три „Калибр“ проектили.
Руското Министерство за одбрана потврди дека нападот врз Кременчук бил насочен кон нафтената рафинерија која, според Москва, обезбедува гориво за украинските сили во Донбас. Според нив, нападот бил прецизен и успешен.
Москва дополнително објави дека нејзините трупи ја презеле контролата врз селото Малиновка и навлегле во длабочината на Сумската област. Таму, велат, украинските сили претрпеле значителни загуби. Иако нема официјално барање за анексија, Русија најави дека може да воспостави „безбедносна зона“ во овој дел од Украина.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека украинските сили ја повратиле контролата врз селото Андреевка, исто така во Сумската област, што го отсликува продолжувањето на борбите долж фронтот.