Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска ги образложи предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2025 година, потенцирајќи дека тие произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството, прилагодени на актуелните макроекономски услови и остварувањата од првата половина од годината.
„Овие измени не го менуваат суштински нашиот пристап, туку го подобруваат и оптимизираат Буџетот со фокус на клучните приоритети – сервисирање на обврските, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на финансиските извори“, истакна министерката.
Вкупните приходи се зголемуваат за 1% и се проектирани на 362,4 милијарди денари, додека расходите се планирани на 403,7 милијарди денари, што претставува пораст од околу 1% во однос на иницијалниот план. Буџетскиот дефицит останува на 4% од БДП, односно 41,3 милијарди денари.
„Зголемувањето на расходите е насочено кон финансиска поддршка на социјалните фондови, инфраструктурни инвестиции со висок приоритет и реалокација на средства за непречено функционирање на институциите“, додаде Димитриеска Кочоска.
Капиталните расходи остануваат значајна компонента и изнесуваат 47,4 милијарди денари, односно 11,7% од вкупните расходи, насочени кон патна, железничка и локална инфраструктура, здравство, образование и безбедност.
Министерката истакна и позитивни макроекономски трендови – реален раст на БДП од 3% во првиот квартал, намалување на невработеноста на 11,7%, зголемување на вработеноста и раст на просечната нето-плата за 10,6% номинално.
„Зголемената домашна побарувачка, стабилниот раст на инвестициите и подобрената наплата на даночните приходи се двигатели на економскиот раст и одржливоста на јавните финансии“, порача Димитриеска Кочоска.
Во продолжение на седницата, пратениците треба да разгледаат и други важни точки, меѓу кои и учеството на македонски припадници во мировната мисија на ООН во Либан, како и предлози за законски измени во образованието и иновациската дејност.