Министерството за финансии денеска објави дека е успешно реализирана исплатата на главницата и каматата за втората година од Првата граѓанска обврзница, издадена во јули 2023 година. На сметките на 1.448 граѓани се префрлени вкупно 1,4 милијарди денари, вклучувајќи и камата од 72,4 милиони денари.
„Ова е првпат државата директно да соработува со граѓаните како инвеститори. Тоа претставува нов, модерен пристап и ја потврдува довербата во фискалната стабилност“, соопштија од Министерството за финансии.
Обврзницата беше со рок на достасување од две години и годишна каматна стапка од 5%, со исплата на каматата еднаш годишно – во јули 2024 и сега, во јули 2025 година.
Од Министерството нагласуваат дека интересот кај граѓаните бил значаен и тоа го потврдува фактот дека многумина бараат сигурни и исплатливи начини да ги вложат своите заштеди.
Досега, државата има реализирано две емисии на граѓански обврзници со вкупна вредност од 41,1 милион евра. Втората обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година во износ од 17,6 милиони евра, а ќе доспее во ноември 2025.
Министерството за финансии најавува дека во следниот период ќе бидат понудени нови финансиски инструменти исклучиво наменети за граѓаните, со цел зголемена вклученост на населението во финансискиот систем и дополнително подобрување на структурата на инвеститорската база.
„Планираме нови, иновативни механизми кои ќе ја доближат државната финансиска политика до секој поединец. Обврзниците се само почетокот“, велат од Министерството.