Украина ќе има потреба од најмалку 120 милијарди долари за одбраната во 2026 година, изјави актуелниот министер за одбрана и поранешен премиер, Денис Шмихал. Половина од тие средства се очекува да бидат обезбедени преку разговори со Европската унија, додека премиерката Јулија Свириденко најави паралелни преговори со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за покривање на фискалните потреби.
„Ако се претпостави дека војната ќе продолжи и следната година, многу е веројатно дека во август ќе започне нов ММФ-програм,“ изјави Свириденко за „Блумберг“, истакнувајќи дека ќе се разгледуваат и економски и воени сценарија.
Свириденко го вложува и својот последен силен адут – моделот „Test in Ukraine“, со кој странски одбранбени компании би испраќале ново оружје за тестирање на фронтот. Украинските војници би го користеле оружјето во реална борба, а компаниите би добивале повратни извештаи. Иако интересот постои, постои и страв дека употребата на тоа оружје на руска територија може да ги направи земјите производители – легитимна цел на Москва.
Од ЕУ се бара и забрзување на финансиската поддршка преку т.н. Инструмент за Украина, но неодамнешното апсење на функционери од антикорупциската агенција NABU може да го отежни добивањето на средствата. Свириденко вети расчистување со корупцијата до крајот на годината.
На терен, ситуацијата останува тешка. Руските сили продолжуваат со бавен, но стабилен напредок, последно влегувајќи во градот Покровск. Во исто време, продолжуваат и преговорите меѓу двете страни.
Новата рунда разговори меѓу Украина и Русија започнува во четврток, а во фокусот ќе бидат воените заробеници, киднапираните деца и потенцијална средба меѓу претседателите Зеленски и Путин – иако шансите за тоа се мали. Русија бара признавање на нејзините територијални освојувања, неутралност на Украина, ограничувања на армијата, слобода за Руската православна црква и одржување избори 100 дена по укинување на воената состојба.
Украина, пак, ги повторува ставовите на САД – за целосно повлекување на Русија и враќање на окупираните територии.