Полска во водите на Балтичкото Море го откри едно од најзначајните наоѓалишта на нафта и природен гас во Европа во последната деценија – откритие кое може суштински да ја намали енергетската зависност на земјата од увоз на фосилни горива.
Според информациите на „Еуроњуз“, резервите се наоѓаат во наоѓалиштето Волин Ист 1, лоцирано околу шест километри од пристанишниот град Швиноујшќе, на северозападот на Полска. Првичните проценки укажуваат на околу 22 милиони тони сурова нафта и 5 милијарди кубни метри природен гас. Во поширокото подрачје, бројките би можеле да достигнат и до 33 милиони тони нафта и 27 милијарди кубни метри гас.
Ако овие податоци се потврдат, Волин Ист ќе биде не само најголемото наоѓалиште некогаш пронајдено во Полска, туку и најзначајното во Европа во последните десет години.
– Ова е историски момент, и за компанијата Central European Petroleum, и за полскиот енергетски сектор – изјави генералниот директор на ЦЕП, Ролф Г. Скар. – Волин Ист не е само ветувачко поле, туку претставува и клуч за отклучување на целокупниот геолошки и енергетски потенцијал на Балтичкото Море – додаде тој.
Ова откритие доаѓа во критичен момент, кога Полска интензивно работи на намалување на својата зависност од увоз на енергенси, особено поради геополитичките тензии и нарушените дистрибутивни ланци.
– Наоѓалиштето Волин Ист може да претставува голем пресврт во историјата на истражувањето на нафта и гас во Полска, особено во сè уште недоволно истражените области како што е полската ексклузивна економска зона во Балтикот – изјави Кжиштоф Галош, државен потсекретар во Министерството за клима и животна средина и еден од водечките геолози во земјата.
Проектот го спроведува полската подружница на ЦЕП, чија матична компанија е регистрирана во Канада, а најголемите инвеститори доаѓаат од Норвешка. Ако сите фази на истражување и експлоатација се потврдат според очекувањата, Полска би можела да добие нова стратешка точка на енергетската карта на Европа.