УТРО.мк

Славески бара закон за личен банкрот: 120.000 граѓани со блокирани сметки, време е за решенија

Славески бара закон за личен банкрот: 120.000 граѓани со блокирани сметки, време е за решенија
Vero

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска на јавната работна средба во Стопанската комора повторно го отвори прашањето за воведување закон за личен банкрот, оценувајќи дека не може бесконечно да се толерира ситуацијата со граѓани кои не се во состојба да ги подмируваат своите долгови.

„Сите развиени земји имаат ваква регулатива. Според моите информации, кај нас има околу 120.000 блокирани сметки – тоа се луѓе без пристап до финансискиот систем, жртви на даватели на кредити со лихварски камати. Време е да размислиме за решение“, изјави Славески.

Иако рече дека иницијативата повеќе е во доменот на Министерството за финансии, тој смета дека треба заеднички да се отвори дебата за можноста за донесување закон за личен банкрот, со кој, според него, би се решил дел од растечкиот социјално-економски проблем.

На барањето на една од претставничките на бизнис-секторот за повторно воведување мерки како одлагање на кредитни обврски, како што беше случајот за време на ковид-пандемијата, Славески одговори дека не е време за таков пристап, но додаде дека е отворен за разговори со банките.

„Банките не сакаат да станат агенции за продажба на недвижности. Тоа не е во нивен интерес. Може да се постапува индивидуално, но не и да се воведуваат генерализирани мерки“, рече гувернерот.

Во рамки на дебатата, професорката Ирена Кикеркова од Економскиот факултет – Скопје го критикуваше пристапот на Народната банка во анализата на македонската економија, оценувајќи дека институцијата нуди ограничени и површни податоци.

„Потребна е реконструкција на аналитичките тимови, бидејќи ни претстои период во кој политиките мора да бидат засновани на темелна и точна анализа“, рече Кикеркова.

Славески остана на ставот дека ниската инфлација и финансиската стабилност се главни цели на Народната банка.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран