На локалниот пат Тетово – село Требош, на 21 јули околу 17:10 часот, се случила тешка сообраќајна несреќа во која се повредени две лица, информира СВР Тетово.
Според пријавеното, патничко возило „Фолксваген Поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 22-годишната Р.И. од село Ратае, општина Јегуновце, прво удрило во велосипед управуван од 64-годишниот Р.Р. од село Требош, општина Желино. По ударот, возилото продолжило и се забило во паркирано возило „Фиат“, сопственост на А.И. (60) од Тетово, а потоа и во деловен објект покрај патот.
Во несреќата тешки телесни повреди добила возачката Р.И., додека велосипедистот се здобил со телесни повреди. Двајцата биле пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде што им била укажана лекарска помош.
По наредба на јавен обвинител, на местото на несреќата бил извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Тетово, а истрагата за причините продолжува.