Светот на музиката изгуби еден од своите најголеми и највлијателни хероји – Оззи Озборн, познат и како „Принцот на темнината“, почина на 76-годишна возраст, јави Sky News. Веста ја потврди неговото семејство со соопштение во кое стои: „Со повеќе тага одошто зборови можат да опишат, мораме да објавиме дека нашиот сакан Оззи Озборн почина утрово. Беше опкружен со своето семејство и љубов.“

Легендарниот фронтмен на Black Sabbath и еден од пионерите на хеви металот, почина само неколку недели по неговиот голем проштален концерт во Villa Park, каде со емоции им се заблагодари на своите фанови: „Немате поим како се чувствувам – од срце ви благодарам.“
Од сиромаштија до светска слава
Роден како Џон Мајкл Озборн во Бирмингем, Англија, Оззи израснал во работничко семејство. По низа несигурни работни места и краток престој во затвор, кон крајот на 1960-тите го основа Black Sabbath, заедно со Тони Ајоми, Гизер Батлер и Бил Вард. Со албумите „Paranoid“, „Master of Reality“ и „Vol. 4“, бендот го дефинираше звукот на хеви металот.
Во 1979 година, Озборн беше избркан од бендот поради зависност од дроги и алкохол, но тоа не го спречи да започне уште поуспешна соло кариера. Албумите како Blizzard of Ozz и No More Tears станаа класики, а песните „Crazy Train“ и „Mr. Crowley“ оставија траен белег на музиката.
Живот исполнет со ексцеси и камбекови
Оззи стана познат и по ексцентричното однесување – најиконичен е инцидентот кога на сцена одгриза глава на лилјак, за што подоцна рече дека мислел дека е играчка. Неговата борба со зависности беше јавна и долготрајна, но и постојано се враќаше на сцената посилен.
Во 2000-тите, заедно со семејството, стана реалити ѕвезда преку шоуто The Osbournes, кое му донесе нова генерација фанови.
Последни години и збогување
Во 2013 година, Black Sabbath се повторно обедини и го издаде албумот 13, кој достигна врвови на топ листите. Последната турнеја на бендот заврши во 2017 во неговиот роден град. Во меѓувреме, Оззи се соочи со сериозни здравствени проблеми – во 2020 објави дека боледува од Паркинсонова болест, а претходно претрпе повреди од пад и неколку операции.
И покрај сè, тој продолжи да твори – последните соло албуми „Ordinary Man“ (2020) и „Patient Number 9“ (2022) беа одлично прифатени од критиката.
Засекогаш Принцот на темнината
Со неговата смрт, светот изгуби една од најголемите икони на рок и метал културата. Оззи Озборн не беше само пејач – тој беше симбол на бунт, уметност, преживување и страст кон музиката.
Почивај во мир, Оззи. Твојата музика ќе живее вечно.