Три предупредувачки знаци на телото што можат да укажат на опасно зголемен холестерол
Покачениот холестерол често минува незабележано, бидејќи не покажува јасни симптоми, а токму поради тоа претставува сериозна закана за здравјето. Многумина живеат со зголемен ризик од срцев и мозочен удар, а да не се ни свесни за тоа. Сепак, според стручњаците од Британската фондација за срцеви заболувања, постојат три видливи показатели на телото што можат да укажат на овој „тивок убиец“.
1. Отекување на Ахиловата тетива
Еден од можните надворешни знаци на високиот холестерол е отекувањето во задниот дел од зглобот, поточно на Ахиловата тетива. Се работи за натрупување на холестерол во тетивите, состојба позната како тетивен ксантом. Овие наслаги се манифестираат како жолтеникави јазли или грутки и можат да се појават и на зглобовите на прстите или колената. Иако обично се поврзуваат со покачени маснотии во крвта, ваквите ксантоми може да бидат и симптом на ретки наследни нарушувања, како што е церебротендинозната ксантоматоза – ретка метаболичка болест.
2. Жолти дамки на капаците
Појава на жолтеникави дамки на капаците, особено во внатрешниот агол на окото, е симптом познат како ксантелазма. Исто така, знак за загриженост може да биде и белкаст прстен околу рожницата на окото, наречен рожничен лак (arcus corneae). Иако кај повозрасните лица оваа појава е честа и генерално безопасна, кај помладите лица може да биде индикатор за сериозно зголемено ниво на холестерол.
3. Жолти израстоци на кожата
Мали жолти или портокалови грутки кои се јавуваат на кожата, најчесто на лактите, колената, рацете или задникот, може да укажуваат на класични кожни ксантоми – масни наслаги кои се создаваат како последица на покачен холестерол.
Доколку забележите некој од овие симптоми, стручњаците советуваат веднаш да се обратите кај лекар. Единствениот сигурен начин да се утврди дали имате висок холестерол е со анализа на крвта. Раното откривање е клучно за превенција на сериозни последици, особено кај лица со семејна историја на срцеви заболувања.
Дали холестеролот може успешно да се контролира?
Иако покачениот холестерол не може да се излечи преку ноќ, можно е да се држи под контрола. Првиот и најважен чекор е промена на животните навики: зголемена физичка активност, поздрава исхрана, ограничување на алкохолот и прекин на пушењето. Во одредени случаи, лекарот може да препише и соодветна терапија.
Британската фондација за срцеви заболувања предупредува:
„Високиот холестерол е тивок ризик кој може да предизвика сериозни последици без претходни симптоми. Затоа, редовните лекарски прегледи се од суштинско значење.“