Министерката за финансии, Гордана Димитриевска – Кочовска, го претстави ребалансот на Буџетот за 2025 година како „флексибилна, но одговорна корекција“ која не ја менува фискалната рамка: планираниот дефицит останува 41,3 милијарди денари, односно 4 % од БДП.
Вкупните расходи се зголемуваат за околу 3,5 милијарди денари (приближно 1 %), што ги одразува приоритетите утврдени по првото полугодие. На приходната страна се планираат 362,4 милијарди денари или 1 % повеќе од првичниот план, главно поради зголемени неданочни приходи и проширување на сметките за самофинансирачки активности; даноците остануваат во рамките на оригиналната проекција, а се очекуваат 30,6 милијарди денари неданочни и 2,8 милијарди денари капитални приходи.
Најкрупната промена е социјалниот пакет: дополнителни 800 милиони денари за покачување на плати во јавниот сектор, 2,5 милијарди денари за исплата на зголемени пензии и 300 милиони денари за нови капитални проекти. Паралелно, 1 милијарда денари оди за 10 % повисоки плати во Министерството за внатрешни работи, а уште 1 милијарда денари се насочени кон Министерството за одбрана за проекти со „поинтензивна реализација“. Развојната компонента се зајакнува: капиталните расходи остануваат проектирани на 47,4 милијарди денари (4,6 % од БДП) за патишта, железница, модернизација на болници, училишта и рурален развој. Локалните инфраструктурни проекти добиваат дополнителни 584 милиони денари, па за општините во 2025 се планирани вкупно 6,5 милијарди денари.
Министерката подвлече дека ребалансот не создава „скриен дефицит“ и дека задолжувањето е „одговорно, на домашниот пазар и со поволни камати“. „Секој денар во овој ребаланс има намена: за капитални проекти, за поддршка на граѓаните, за стабилност на пензискиот систем, за образование, здравство и инфраструктура“, истакна таа, додавајќи дека Буџетот останува „најважниот инструмент на економската политика – истакнаа таа пред пратениците.
Во текот на собраниската расправа се вметнати и нови амандмани: 6 милиони денари за проектна документација за сообраќајница во Куманово, 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“.
Со пренасочените средства, Владата очекува да ја засили домашната потрошувачка преку повисоки плати и пензии, да ја одржи инвестиционата динамика и да ја поддржи локалната инфраструктура, без дополнителен фискален товар врз буџетскиот дефицит. Министерката ги повика пратениците „да зборуваат со факти, бројки и визија“ и нагласи дека ребалансот е „одговорен и насочен кон иднината“.