
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска престојува во Виена, каде што на покана на Дипломатската академија на Виена учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.
Посетата е можност Македонија да ги претстави своите енергетски приоритети пред европски институции, претставници на јавниот сектор, дипломати и идни носители на одлуки, со фокус на отворање нови можности за соработка, размена на искуства и продлабочување на партнерствата во енергетиката.
Во рамки на престојот, Божиновска ќе оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија. На средбата ќе се разговара за билатералната и економската соработка, енергетската транзиција, сигурноста во снабдувањето и можностите за нови форми на соработка од заеднички интерес.
Божиновска ќе има и обраќање пред студентите на Дипломатската академија на Виена, каде што ќе говори за енергетската транзиција и актуелните состојби во македонскиот енергетски сектор.
Пред идните дипломати ќе бидат презентирани реформите во енергетиката, развојот на обновливите извори, модернизацијата на инфраструктурата, постепеното напуштање на јагленот и процесот на праведна енергетска транзиција.
Во фокусот ќе бидат и енергетската сигурност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалното поврзување и интеграцијата на Македонија во европскиот енергетски пазар.
Особено значење имаат новите регионални енергетски коридори, меѓу кои и Вертикалниот гасен коридор, кој треба да придонесе кон диверзификација на изворите и поголема сигурност на снабдувањето.
Програмата „Жени лидери 2026“ е посветена на зајакнувањето на женското лидерство и современите предизвици во јавниот сектор, вклучувајќи го управувањето со кризи, родовата еднаквост и дигиталната дипломатија.
Од Министерството посочуваат дека активната меѓународна агенда е насочена кон зајакнување на партнерствата во регионот и Европа, отворање можности за нови инвестиции и поставување на македонските енергетски интереси во пошироките европски процеси.























