
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка против виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, поради сомнение дека сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Според Обвинителството, во изминатиот период биле преземени повеќе дејствија, вклучително и посебни истражни мерки, при што биле обезбедени докази за постоење основано сомнение дека обвинителот ја искористил својата службена положба и реалното влијание за да влијае врз одлучувањето на други јавни обвинители и судии.
Станува збор за најмалку четири одделни предмети на подрачјето каде што ја вршел својата функција.
Како што соопштуваат од Обвинителството, осомничениот наводно ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна процесна позиција за лица осомничени или обвинети во кривични постапки.
Во текот на вчерашниот ден, по судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот, како и во просториите на Вишото јавно обвинителство во Битола. Претресите биле насочени кон обезбедување дополнителни докази во случајот.
Надлежниот јавен обвинител продолжува со истрагата, а до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост.
Меѓу предложените мерки се одземање на патната исправа, забрана за преземање определени работни активности, односно негово оддалечување од работното место.























