УТРО.мк

Цела година незаконски „додавала“ категории на возачки дозволи

Цела година незаконски „додавала“ категории на возачки дозволи
Vero

Вработена во Министерството за внатрешни работи се сомничи дека повеќе од една година ја користела својата шифра за пристап до електронскиот систем на МВР за незаконско додавање возачки категории на лица кои не ги исполнувале законските услови.

МВР поднесе кривична пријава против шест лица, меѓу кои и вработената Т.С., која работела како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи Скопје.

Според пријавата, незаконската шема функционирала од почетокот на 2025 година до 24 август 2026 година. Т.С. се сомничи дека интервенирала во постапките за издавање возачки дозволи на четири лица, при што со користење на сопствената шифра во системот додавала категории за кои тие не ги исполнувале условите.

Откако биле направени измените, таа ги одобрувала барањата, по што биле издавани возачки дозволи со незаконски додадените категории.

Во случајот бил вклучен и посредник. Б.А. се сомничи дека бил во комуникација и договор со вработената во МВР и посредувал при издавањето дозволи за две лица, иако знаел дека тие не ги исполнуваат законските услови.

Останатите четворица пријавени, според МВР, знаеле дека не ги исполнуваат условите за конкретните категории, но сепак поднеле барања за издавање возачки дозволи. Во нивните барања потоа биле додавани категории без исполнети законски услови.

Една од незаконски издадените дозволи била искористена и надвор од Македонија. Еден од пријавените, според МВР, ја користел дозволата со незаконски додадена категорија „А“ за да управува мотоцикл и со него да ја премине државната граница.

Против Т.С. се поднесени пријави за четири кривични дела „фалсификување исправа“, додека останатите пет лица се опфатени со пријавата за шест кривични дела „фалсификување исправа“ во соизвршителство, како и едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Случајот бил откриен од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој кривичната пријава ја доставил до Основното јавно обвинителство Скопје.

Вработената Т.С. веќе е суспендирана врз основа на претходно поднесената кривична пријава, а Внатрешната контрола ќе предложи и поведување дисциплинска постапка за утврдување на нејзината одговорност. Суспензијата ќе трае до завршувањето на дисциплинската постапка.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран