УТРО.мк

МПЦ-ОА против кратењето на верските празници – празниците се вековна врска на народот со Црквата

МПЦ-ОА против кратењето на верските празници – празниците се вековна врска на народот со Црквата
Vero

Македонската православна црква – Охридска архиепископија се спротивстави на иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни верски празници, оценувајќи дека нивното значење е многу пошироко од прашањата поврзани со организацијата на работата и економската продуктивност.

Од МПЦ-ОА велат дека верските празници се дел од духовното и културното наследство и претставуваат вековна врска меѓу македонскиот народ и Црквата.

„Празникот како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните, несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата“, посочуваат од МПЦ-ОА.

Оттаму нагласуваат дека празниците не треба да се третираат само како неработни денови и дека нивната вредност „не може, а и не треба да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“.

Реакцијата на МПЦ-ОА следува по иницијативата на Стопанската комора за промена на календарот на неработни денови. Комората предлага законски измени со кои би се намалил бројот на дополнителни слободни денови по верска основа.

Еден од предлозите е работниците сами да избираат два дополнителни верски празници за кои би користеле слободен ден, додека останатите денови би биле работни. Комората предлага и промена за државните празници што се паѓаат во недела – наместо неработниот ден да се префрла во понеделник, следниот ден да биде работен.

Во моментов, во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, а припадниците на различни верски и етнички заедници имаат и дополнителни неработни денови.

За православните верници се предвидени пет дополнителни празници – Бадник, Водици, Велики Петок, петокот пред Духовден и Голема Богородица. Според предлогот на Стопанската комора, работниците би избирале два од овие празници како неработни.

Од Комората иницијативата ја образложуваат со потребата од подобра организација на работниот процес и зголемување на продуктивноста во компаниите.

Предлогот, сепак, наиде на спротивставување и од премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат.

Против кратењето на неработните денови се изјаснија и синдикалните организации, кои сметаат дека евентуалната промена би значела задирање во стекнатите работнички права.

Со реакцијата на МПЦ-ОА, дебатата за бројот на неработни денови добива и поширока димензија, бидејќи од Црквата укажуваат дека верските празници не се само слободни денови во календарот, туку имаат духовна, верска и културна вредност.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран