
Мицкоски против кратење на празниците: Стекнатите права на работниците треба да се почитуваат
Премиерот Христијан Мицкоски е против иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на празници и неработни денови.
„Во принцип мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема“, изјави Мицкоски.
Со тоа премиерот практично не даде поддршка на предлогот на Комората за промена на сегашното решение, според кое доколку државен празник се падне во недела, следниот ден е неработен.
Стопанската комора предлага измени со кои би се намалил бројот на неработни денови, со образложение дека честите празници влијаат врз продуктивноста и создаваат дополнителни трошоци за компаниите.
На иницијативата се спротивставија и синдикатите, од каде оценуваат дека евентуалното кратење на неработните денови би значело намалување на веќе стекнати работнички права.
Според ставот на Мицкоски, Владата нема намера да поддржи решение со кое би се одземале права што работниците веќе ги имаат.























