УТРО.мк

Златна погребна маска откриена кај Корошишта: Богат гроб со шлем, штит, меч и копја

Златна погребна маска откриена кај Корошишта: Богат гроб со шлем, штит, меч и копја
Vero

Ново значајно археолошко откритие е регистрирано на локалитетот Расница кај струшкото село Корошишта, каде археолозите истражиле богато војничко погребување од архајскиот период.

Во гробот е откриена богата погребна опрема, меѓу која бронзен шлем, штит, меч и копја, како и предмети изработени од злато, бронза и килибар. Наодите укажуваат дека погребаниот имал висок општествен статус и значајна воена улога во заедницата.

Особено внимание привлекува златната фолија во форма на маска за лице, пронајдена во близина на бронзениот шлем. Станува збор за редок наод кој отвора нови прашања за погребните обичаи и општествената структура на заедниците што живееле во Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.

Според прелиминарните согледувања од истражувањата, погребувањето може да биде постаро од монументалната гробна целина откриена на истиот локалитет во 2024 година. Дополнителните анализи треба да покажат и како хронолошки се поврзува новооткриената маска со познатите златни погребни маски од Требениште.

Расница се истражува веќе неколку археолошки сезони, а досегашните наоди укажуваат на постоење значајна некропола од архајскиот период.

Пронајдените предмети допрва треба да бидат предмет на детални археолошки, конзерваторски и други интердисциплинарни анализи. Тие би можеле да дадат нови сознанија за погребните ритуали, статусот на погребаните лица и економските и политичките односи на заедниците кои живееле во регионот пред повеќе од 2.500 години.

Откритието кај Корошишта дополнително го истакнува археолошкото значење на Охридско-струшкиот регион, кој и досега е познат по исклучително вредни наоди од античкиот период.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран