Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ќе присуствува на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), што ќе се одржи во Атина, Грција, по официјална покана од американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт.
Настанот, организиран од Владата на САД во соработка со грчкото Министерство за енергетика, е една од највлијателните платформи за енергетска соработка меѓу Европа и Северна Америка. Форумот ќе биде отворен од Крис Рајт и грчкиот министер за енергетика, Ставрос Папастравру, а на програмата ќе учествуваат водечки експерти од глобалниот енергетски сектор, претставници на меѓународни институции и компании.
Во рамки на посетата, министерката Божиновска ќе има и средба со американскиот секретар за енергетика, на која ќе се разговара за можности за продлабочување на енергетската соработка, инвестиции во регионални енергетски коридори и имплементација на нови технологии.
Министерката ќе присуствува и на прием организиран од Амбасадата на САД во Атина, на покана на амбасадорката Кимберли Гилфојл, во чест на американските секретари за внатрешни работи и енергетика.
Темите на форумот ќе опфатат енергетска безбедност, нуклеарна технологија, инфраструктурно финансирање, природниот гас како нова карта на енергетска поврзаност во Европа и трансформација на енергетските системи во ерата на вештачката интелигенција.
Според Министерството за енергетика, учеството на Божиновска на P-TEC е потврда за зголемениот интерес и позиционирање на Македонија во рамките на трансатлантските енергетски иницијативи, како и за континуираниот ангажман на Владата за јакнење на енергетската стабилност, диверзификација на изворите и пристап до нови технологии и инвестиции.































