Пазарот на недвижности во земјава забавува. Податоците од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) покажуваат дека во првиот квартал од 2025 година се регистрирани 8.044 трансакции, од кои 5.717 купопродажби и 2.327 закупи. Тоа претставува намалување од 11 проценти во однос на последниот квартал од 2024 година, како кај продажбите, така и кај закупите, пренесе МИА.
Вкупната вредност на купопродажбите во периодот јануари – март изнесува 251 милион евра. Најмногу трансакции се реализирани во февруари, а најмалку во март. Најголем дел од продажбите се однесуваат на станови – 1.947 купопродажби во вредност од 137 милиони евра, следат куќи со 623 трансакции и деловни простории со 215.
Во истиот период, вредноста на закупите достигнала 874 илјади евра, при што најмногу изнајмувања се евидентирани во февруари. Според податоците, најчесто се изнајмувале станови, државни парцели и земјоделско земјиште.
Податоците за хипотеки откриваат дека само во првите три месеци од годинава се запишани 2.596 товари врз недвижности, со вкупна вредност од речиси 385 милиони евра. Најголем дел се во Скопје – 1.379 хипотеки во вредност од над 194 милиони евра.
Минатата година пазарот бил значително поактивен – со над 31 илјада трансакции, од кои повеќе од две третини биле купопродажби. Во 2024 година биле изградени 2.641 објект и завршени 5.405 станови со просечна површина од 64,5 квадрати, најмногу во Скопскиот регион.
И покрај падот на продажбите, градежниот сектор не мирува. Само во април 2025 година се издадени 357 одобренија за градба, што е речиси 39 проценти повеќе отколку во истиот месец лани. Со тие дозволи е предвидена изградба на 729 станови, најмногу во Скопскиот и Југозападниот регион.
Според експертите, ваквите трендови укажуваат на ладење на побарувачката, но не и на драстичен пад на цените, барем засега.
Извор: vecer.mk































