Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се сретна со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, каде што во фокусот на разговорите беа ефектите од новите енергетски проекти и европските регулативи за декарбонизација врз македонската економија.

Како што истакна Божиновска, постои заеднички став дека е неопходна силна институционална поддршка за домашните компании, со цел полесно прилагодување на зелените политики и зачувување на нивната конкурентност на пазарот.
„Финансиската и енергетската стабилност одат рака под рака. Тоа значи посилна економија, поголема отпорност на надворешни економски шокови и подобри можности за инвестиции во зелена енергија и технолошка модернизација“, рече Божиновска.

Таа додаде дека во координација со Народната банка, Владата и другите релевантни институции, ќе се работи на создавање поволна клима за развој на одржливи инвестиции кои ќе ја поттикнат транзицијата кон зелена и европска економија.