Граѓаните на Скопје нема да плаќаат повисоки сметки за парно – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) одлучи да не ја менува цената на топлинската енергија. Според одлуката, ќе продолжат да важат постојните тарифи сè додека не се добијат сите потребни податоци за пресметка на нови цени.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, објасни дека анализата на податоците доставени од компаниите што произведуваат, дистрибуираат и снабдуваат со топлинска енергија во Скопје покажала дека за целосна пресметка е потребна дополнителна процена на вредноста на основните средства – топланите. Иако уште во февруари до Бирото за процена било испратено барање за изготвување на соодветен извештај, истиот сè уште не е доставен.
„Со цел да обезбедиме еднаков третман за сите потрошувачи, РКЕ донесе одлука да не се менуваат постојните цени на топлинската енергија“, изјави Бислимоски.
Последната промена на цената беше на 1 февруари 2025 година, кога топлинската енергија поскапе за 5,03 %, како резултат на 16-процентниот раст на цената на природниот гас на светските берзи во последниот квартал од 2024 година.