Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека Владата ја усвои Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. Преку оваа програма се издвојуваат 42,3 милиони денари од државниот буџет за директна финансиска поддршка на граѓани кои живеат во енергетска сиромаштија, особено лица со попреченост и оние што користат гарантирана минимална помош.
„Целта е да обезбедиме сигурна и достапна енергија за најранливите. Финансиската поддршка ќе помогне на домаќинства со сериозни социјални и здравствени предизвици“, информираат од Министерството.
Финансиската поддршка ќе се распределува по принципот „најниски приходи“ сè додека не се исцрпат средствата. Предвидена е месечна поддршка од 1.000 денари, кои директно ќе се одбиваат од сметките за електрична енергија во период од 12 месеци, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето.
Средствата се распределени по следниов основ:
2,3 милиони денари за домаќинства со лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 19 милиони денари за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони денари за домаќинства со потполно слепо лице, 12 милиони денари за домаќинства со потполно глуво лице.
Јавниот оглас за аплицирање ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk) и во два дневни весници, со рок за пријавување од 30 дена. Апликацискиот образец ќе биде достапен онлајн и во архивата на Министерството, а граѓаните ќе треба да приложат релевантна документација.
Селекцијата ќе ја спроведат четири посебни комисии според видот на попреченост, составени од службеници на Министерството. Списокот на избрани корисници ќе биде јавно објавен.
Дополнително, програмата предвидува и други олеснувања:
ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет при отстранување дефекти, мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период.
Од Министерството апелираат сите кои ги исполнуваат условите да се информираат и да аплицираат навреме.