Силен земјотрес со јачина од 8,8 степени по Рихтер рано утрото на 30 јули ја погоди обалата на рускиот полуостров Камчатка, предизвикувајќи цунами и дополнителна закана поради близината до базата на руската Пацифичка флота во Вилјучинск — центар за стратешки нуклеарни подморници.
Според Американската геолошка служба, станува збор за шестиот најсилен земјотрес забележан досега. Епицентарот бил на само 120 километри од Вилјучинск, каде се наоѓаат нуклеарните подморници од класата „Бореј“ и „Бореј-А“, вооружени со интерконтинентални балистички ракети тип „Булава“.
Покрај потресот, забележана е и ерупција на вулканот Ключевскаја Сопка, а штети има и во пристаништата и инфраструктурата — пукнатини на патиштата, оштетени објекти и нарушен транспорт. Видео-снимки од пристаништето Петропавловск-Камчатски покажуваат значителна штета, а со оглед дека Вилјучинск е поблиску до епицентарот, се стравува дека ситуацијата таму е уште полоша.
Моментално не е познато дали подморниците биле во база или на море за време на земјотресот, ниту пак во каква состојба се оние кои евентуално биле на поправка — што може да претставува посебна опасност поради отворените системи и можниот продор на вода.
Министерството за одбрана на Русија сè уште нема издадено соопштение, што не е невообичаено кога станува збор за настани поврзани со нуклеарно вооружување. Ваквиот молк ја зголемува загриженоста на меѓународната заедница, особено во време кога руската флота трпи сериозни загуби во Црното Море поради украински напади.