Министерството за одбрана на Полска потпиша договор со јужнокорејската компанија Hyundai Rotem за набавка на 180 тенкови K2 Black Panther и 81 пратечки возила, во вкупна вредност од 6,5 милијарди долари. Овој договор е дел од стратешката модернизација на полските вооружени сили по руската инвазија на Украина, објави DefenseNews.
Договорот беше потпишан во градот Гливице, во присуство на потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Полска, Владислав Косињак-Камиш, како и министерот за одбрана на Јужна Кореја, Ахн Гју-бек, кој престојува во официјална посета на Полска.
Испораката на тенковите ќе се одвива во периодот од 2026 до 2030 година. Од вкупниот број, 116 тенкови ќе бидат произведени во Јужна Кореја во верзија K2GF, додека 64 ќе бидат испорачани како полска верзија K2PL. Првите три K2PL тенкови ќе се произведат во Јужна Кореја, по што производството ќе продолжи во Полска преку фабриката Bumar-Łabędy, дел од државната групација Polska Grupa Zbrojeniowa (PGZ).
„Новите тенкови ќе бидат значително подобро опремени од постојните, а производството ќе започне следната година. Од 2028 до 2030 планираме целосно домашно производство“, изјави министерот Косињак-Камиш.
Ова е втор голем договор на Полска за набавка на тенкови K2. Првиот беше склучен во 2022 година, исто така за 180 тенкови. Според рамковниот договор, Полска има можност да набави до 1.000 тенкови K2, што би го направило овој модел главен борбен тенк на полските копнени сили.
Новиот договор следи по интензивни преговори меѓу Варшава и Сеул за финансиските услови за испорака на оружје што го договорила претходната влада. Покрај тенковите, новата центристичка влада на премиерот Доналд Туск наследи и големи договори за лесни борбени авиони FA-50, самоодни хаубици K9 и повеќецевни ракетни системи Chunmoo.
Полска по почетокот на војната во Украина значително ја забрза модернизацијата на својата војска, а Јужна Кореја ја гледа како партнер кој може да обезбеди масовно производство и трансфер на технологија – со што Полска станува најголем европски купувач на јужнокорејска воена опрема.