Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го нападна поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, предупредувајќи го дека „влегува на многу опасна територија“ и најави нова рунда санкции и царини – овој пат кон Индија, поради нејзините блиски односи со Русија.
„Не ме интересира што прави Индија со Русија. Можат заедно да си ги уништат мртвите економии. Ние речиси и да не тргуваме со Русија – и така нека остане. А Медведев, пропаднат поранешен претседател кој мисли дека сè уште е на власт, нека внимава што зборува!“ напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.
Трамп ја обвини Индија дека има „највисоки царини на светот“ и дека води непријателска трговска политика. Од 1 август, САД ќе воведе 25% царина на индискиот извоз, заедно со дополнителни казни поради набавки на руско оружје и нафта. Сегашната царина на индиски производи изнесува 10%.
Нападот врз Медведев доаѓа откако Трамп претходно оваа недела најави дека ќе воведе нови санкции кон Русија за 10 дена ако не запре војната во Украина – значително скратувајќи го претходно поставениот рок од 50 дена.
Медведев, пак, брзо одговори преку X (поранешен Twitter):
„Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не со Украина, туку со неговата сопствена земја. Немој да одиш по патот на Поспаниот Џо (Бајден),“ напиша тој, алудирајќи на американската внатрешна нестабилност и политичка поларизација.