Американскиот претседател Доналд Трамп и заменикот претседавач на руското Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, влегоа во нова етапа на остри вербални напади, при што пораките меѓу Вашингтон и Москва станаа отворено заканувачки.
Сè започна кога Трамп преку платформата Truth Social обвини Русија и Индија дека имаат „мртви економии“ и најави нови царини — 25% на индиски извоз, како и дополнителни казни поради нивната соработка во енергетскиот и одбранбениот сектор. „Ако Индија и Русија сакаат заедно да си ги уништат економиите – нека изволат,“ изјави Трамп.
Но, фокусот беше ставен на неговиот директен напад врз Медведев: „Кажете му на Медведев, пропаднат поранешен претседател кој мисли дека сè уште владее, да внимава што зборува. Се движи по многу опасна територија.“
Медведев одговори остро и саркастично преку Телеграм, тврдејќи дека токму тоа што неговите зборови предизвикуваат реакција кај „наводно моќниот американски лидер“ е доказ дека Русија е на вистинскиот пат. Тој го обвини Трамп дека ја блокирал Truth Social во Русија, и во свој стил, се осврна на нуклеарниот потенцијал на земјата.
Во објава со симболика, Медведев спомена „Мртва рака“ – озлогласениот автоматски систем за нуклеарен одмазден удар, осмислен за да активира лансирање на ракети дури и во случај целокупното раководство да биде уништено. „Нека се потсети на своите омилени филмови за живи мртовци, и колку опасна може да биде една замислена ‘Мртва рака’,“ напиша Медведев.
Оваа порака беше недвосмислена алузија кон нуклеарен капацитет, што уште еднаш го подигна алармот на меѓународната сцена, особено поради растечките тензии околу Украина. Трамп пак, во ист ден најави дека ако Русија не го прекине нападот врз Украина, ќе воведе нови царини за само 10 дена — значително пократок рок од претходно најавените 50 дена.
Медведев, кој одамна е познат по своите провокативни изјави на социјалните мрежи, повторно се обиде да го засили политичкиот набој со симболична, но експлозивна реторика, вовлекувајќи ја нуклеарната закана во еден сè поостар дипломатски судир меѓу Москва и Вашингтон.