Осумдесет и тригодишна жена од Тетово вчера пријавила во СВР Тетово дека станала жртва на телефонска измама и изгубила 2.000 евра. Според пријавата, на телефон ѝ се јавило непознато лице кое лажно ѝ соопштило дека нејзината ќерка наводно предизвикала сообраќајна несреќа во Скопје со смртни последици. За да „избегне затвор“, од неа побарал итно да предаде пари.
Жената, вознемирена од наводниот настан, ги оставила парите на договорено место, а дека е измамена сфатила подоцна, по разговор со својот зет.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, кој е уште еден пример за серијата телефонски измами каде жртви најчесто се постари лица. Измамниците најчесто се претставуваат како роднини, лекари или службени лица, користејќи страв и паника за да извлечат пари.
Надлежните апелираат до граѓаните:
Никогаш да не даваат пари по телефонски барања од непознати лица. Секогаш веднаш да ја проверат информацијата со блиските. Да не споделуваат лични и финансиски податоци. Секој сомнителен повик да го пријават на бројот 192 или во најблиската полициска станица.