Мерц: Германската економија е во структурна криза
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека земјата не се соочува само со привремена економска слабост, туку со „структурна криза“ која е подлабока отколку што се претпоставувало.
Зборувајќи пред членови на Демохристијанската унија (ЦДУ) во Оснабрик, тој нагласи дека голем дел од германската економија веќе не е доволно конкурентен. Како пример го посочи Фолксваген, кој во вториот квартал забележа пад на профитот по оданочувањето за 36 проценти. „Тоа е само една од многуте алармантни пораки за состојбата во која се наоѓаме“, рече Мерц, додавајќи дека предизвиците се „длабоки и далекусежни“.
Иако квалитетот на германските производи останува висок, Мерц оцени дека основните економски услови во последната деценија не биле доволно добри. Падот на автомобилската индустрија, каде и БМВ објави намалување на профитот за 29 проценти во првата половина од годината, дополнително ги зголемува стравувањата за иднината на најсилната економија во Европската Унија.