Лавров: Неутрална и ненуклеарна Украина – услов за крај на војната
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги соопшти клучните услови на Москва за завршување на војната во Украина. Според него, безбедноста на земјата би требало да ја гарантираат група држави меѓу кои постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесува „Ројтерс“.
Во интервју за американската телевизија „NBC News“, шефот на руската дипломатија потсети дека сличен модел бил дискутиран на преговорите во Истанбул во 2022 година. Според нацрт-договорот, Украина би добила трајна неутралност во замена за безбедносни гаранции од Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД, со можност за учество и на други држави како Германија и Турција.
„Гарантите би обезбедиле безбедност за Украина, која мора да остане неутрална, ненуклеарна и надвор од сите воени блокови“, изјави Лавров, според транскриптот објавен од руското Министерство за надворешни работи.
Тој нагласи дека членството на Украина во НАТО е целосно неприфатливо за Москва. Дополнително, Русија инсистира на заштита на руското говорно подрачје во Украина, како и на решавање на отворените територијални прашања.
Овие ставови се совпаѓаат со претходните барања на Кремљ, според кои Владимир Путин инсистира Украина да се откаже од амбициите за НАТО, да остане во статус на трајна неутралност и да не дозволи присуство на западни воени сили на нејзина територија.